Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Слово за Светите Кирил и Методиј
18.05.2007.

Секој народ во сопствената историја има свои патријарси, херои и генији кои со својот живот и со својата личност, поставиле основни критериуми на вредност, по кои ќе се движат идните генерации. Па така и нашите патријарси светите Кирил и Методиј, прифаќајќи ја мисијата меѓу Словените во Моравија, ги удриле темелите на словенското просветителство, образование и воспитание.

                                                                Sample Image

   Просветата на Словените за Светите Браќа не претставувала само бледо и голо трупање на информации, туку како што етимолошки означува и самиот збор, просветата за нив била осветување на човекот, негова подготовка за доблесен живот и внесување на словенскиот човек во цивилизираниот свет. Тие, заради овие причини ја создале глаголицата, но и ги превеле богослужбените книги на словенски јазик. Богослужбата и пред сè Литургијата е место каде најдобро и најсигурно се образува, воспитува и просветува човекот. На Литургијата човекот се преобразува и учествува во Божјата благодат. Човекот овде најдиректно со Бога се соединува, со Бога се храни и воспитува, според Бога се развива и напредува. Глаголицата, како автентично словенско писмо, на секој човек со словенска крв му овозможува на Бога вистински и искрено, од длабочината на своето срце, да му се обрати на својот мајчин јазик. При тоа светите браќа Кирил и Методиј покажале како треба да се брани својата слобода. Целосно предавајќи се на оваа мисија, тие на своите собраќа Словени им останале верни и тогаш кога биле лажно клеветени, жестоко прогонувани и неправедно напаѓани. Хранејќи се со Предвечниот Авторитет со чисто срце и бистар ум, тие пред светот ја одбраниле вистината и со тоа станале стожери не само на нас Словените, туку и на целата Европска цивилизација. На сведоштвото нивно, денес, ние Македонците, со почит, со радост и со молитва се сеќаваме и од нив го бараме застапништвото пред Троичниот Бог.

 Ние, Македонците, можеби имаме поголема причина за радост и чествување бидејќи од нашата средина се појавија овие свети личности кои неуморно и самопрегорно го проповедаа Словото Божјо, ја преведоа Библијата и светите богослужбени книги, па така ги осветлија душите на словенските народи со вечниот факел на вистинската духовна просвета и наука Божја. Нивната божествена мисија нè ослободи од темнината и ни даде можност за стекнување и престој во светлината. Блесокот на нивната проповед ги осветува сите оние кои го слушаа Словото Божјо, зашто ја проповедаа Божјата Премудрост, тајна сокриена, која Бог ја предодредил, уште пред вековите, за наша слава. Наоружувајќи се со оваа вечна Премудрост и облекувајќи се со силата на верата и љубовта, свети Кирил, и свети Методиј, излегувајќи од тогашното Византиско Царство отидоа да го прослават Бога меѓу народите, па како и Апостолите, го избраа патот на Крстот Христов и доследно го носеа на земјата до последниот здив. Затоа, и денес, после многу векови, славата на свети Кирил и Методиј расне и се умножува во Светата Црква Христова ширум Европа и насекаде во светот.

Свети Кирил и Методиј длабоко и правилно ги проценија религиозните и културните потреби на својот народ и со своето дело ги воведоа во тајните на христијанската вера. Озарени со духот на филолошкото и философското образование, надарени со ораторска способност, украсени со светлозарните зраци на вечната вистина и раководени од Светиот Дух, тие со својот богоугоден и примерен живот се вброија во редот на светите Апостоли како еднакви со нив во ширењето и сведочењето на Воскреснатиот Спасител, па гласот за нив се разнесе по целата земја, како мисионери на светлината. Со божествена наука, не жалејќи труд, ги учеа и воспитуваа старите и младите, простите и непросветените, и им ги откриваа тајните на Христовата спасоносна наука и ги напојуваа од животворниот извор на жива вода, која беше всадена во нивната душа како дар од Бога.

 Делото на свети Кирил и Методиј, силно влијаеше во текот на вековите врз македонскиот народ и врз Македонската Црква за целосна духовна, социјална и национална слобода. Од нивниот пример и од нивниот живот и ден денес, ние денешните генерации Македонци, можеме на многу што да се научиме. Денешниот живот на Македонската Православна Црква во голема мера наликува на времето во кое живееле Светите Браќа. Проблемите и искушенијата кои денес ги трпиме, ги трпеле и тие, во поинаква форма, но со истиот дух. И ние сега, како и тогаш светите Кирил и Методиј, неканонски и нелогично сме обвинувани за сè освен за нашиот живот според Догмите и Каноните на Светата Црква. Денес, некои од нас бараат да си го смениме името исто како што тогаш барале од Светите Браќа да се служи и зборува во Црквата само на “трите свети јазици”. Очигледно дека некој тргнал да се поистоветува со овие безумни теории. Нашиот, пак, одговор на ова ќе треба да биде во духот на Свети Кирил и Методиј кои на обвинувањата одговорија со голема љубов и трпение. Ќе треба и ние, како и тие, на народите да им покажеме дека правилно и вистинито живееме и дека и во Македонија и покрај непризнавањето на нашата света Црква се раѓаат, живеат и се подвизуваат христијани кои одлучно чекорат кон светоста и уподобувањето на Господа Исуса Христа. Наоружувајќи се со ваква дипломатија, базирана врз живот и вистина, ќе треба да се поставиме и да комуницираме со сите наши браќа христијани во светот. Ваквото постапување е сигурниот пат кон остварување на она заради кое себеси се нарекуваме Христови ученици.

 Заради сите овие величини кои погоре ги спомнавме ќе мораме кон делото на свети Кирил и Методиј и како Црква и како Држава достојно и со почит да се однесуваме. Не смееме да дозволиме да ни биде префрлано за небрежност и негрижа. Тешко нам ако за ова бидеме обвинувани. Свети Кирил и Методиј се нашите духовни пастири и нашите духовни родители. Огрешувајќи се кон нив се огрешуваме кон Божјите заповеди, се огрешуваме кон нашата историја, се огрешуваме пред нашите предци и ги забораваме страдалните солзи на оние кои го граделе зданието на нашата слобода, самостојност и самобитност. Овие денови на чествување на делото на свети Кирил и Методиј Солунски нека ни бидат можност за угледување на нивниот живот и потсетување и прифаќање на нивните подвизи. Празниците и чествувањата затоа и постојат. Впрочем, тогаш е времето кога ќе треба да се потсетиме, да се воспитаме и да се изградиме како вистински побожни личности. Оваа шанса ни се дава секоја година и затоа не треба да ја пропуштиме, кога широко и со љубов ни се нуди. Ви благодарам.

 

 Дипл. теолог Влатко Стоименов

 
< Претходно   Следно >