Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow За архимандритот Софрониј (Сахаров)
За архимандритот Софрониј (Сахаров)
21.04.2008.

 
 

 

Игумен Иларион (Алфеев)

  Sample Image

Архимандритот Софрониј (Сахаров) е среде најистакнатите претставници на духовното старчештво во рамките на соборното православие денес. Младоста му минува во бурните години на револуционерна Русија. Интелектуалните трагања, обележани од пресвртите на оние времиња, бргу се исчистуваат од секоја суета и заблуда и прераснуваат во духовен копнеж по Бога. Тој до вистините на православието стигнува не по силата на формално следени традиции, туку горејќи во печката на сомнежите, маките, духовната борба. Тоа искуство се збогатува и преос-мислува подоцна, веќе во монашки чин, на Света Гора во рускиот манастир „Св. Пантелејмон“.

Со отец Софрониј - ученикот и биографот на преподобен Силуан Атонски, најпрво се запознав преку книгата Старец Силуан, која во осумдесеттите беше многу раширена и популарна. Кога имав 16 години се запознав со сестрата на отец Софрониј, прекрасна и скромна жена, во поодминати години, Марија Семјонова Калашникова. Таа живееше во Москва, во стара едноспратна куќа на улица Рилеева, и со мајка ми често ја посетувавме. Ни раскажуваше за отец Софрониј, ни ги даваше да ги читаме неговите писма до неа, ни покажуваше фотографии од неговиот манастир.

Историјата на нивната дружба е многу интересна. Во детството биле многу блиски, но потоа судбината ги расфрлила на различни страни од „железната завеса“. Отец Софрониј емигрирал, многу години поминал на Атон, потоа во Франција и на крај во Англија каде основал манастир. Марија, останувајќи во Русија во текот на многу години, ништо не знаела за судбината на нејзиниот брат, се додека во 50-те години тој самиот не ја побарал. Почнале да се допишуваат и неколку пати Марија Семјонова одела кај него во Англија.

Подоцна, во времето на првото доаѓање во Англија, имав среќа лично да се запознаам со отец Софрониј. Првата средба со Старецот (така го викаа сите во од него основаниот манастир „Св. Јован Претеча“ во Есекс) вечно ќе ја помнам. Ме доведоа во домот каде што живееше. Пред мене излезе човек со мал раст, многу стар и слаб; имаше повеќе од 90 години. Прво што ме зачуди беше кон-трастот помеѓу немоќното старечко тело, и светлиот, жив, мла-дешки дух, кој старецот го имаше се до смртта. Се доближи до мене, ме фати за плешките и долго ме гледаше право во очи. Потоа рече: „Коски и кожа... Треба подобро да се храните. Во Русија изгледа, воопшто не ве хранеле“ (што, се разбира, не беше вистина). Од тој момент во манастирот посебно се грижеа за мене. По благослов од старецот, една од сестрите се грижеше во ќелијата постојано да имам јадење.

Со отец Софрониј се сретнувавме често и долго разговаравме. Ме прашуваше детално за мојот живот, за моите идни планови; како се да го интересираше. Мојата желба да студирам на Оксфорд ја одобри радосно. Воопшто, го почитуваше богословското образование и сите свои монаси ги испраќаше во разни богословско-просветни институции. Отец Софрониј сметаше дека во наше време секој монах и свештенослужител мора да има високо образование. Тој став е необичен, затоа што самиот отец Софрониј немаше систематско богословско образование. Имаше голема почит кон моите предмети. Еднаш му однесов 300 страници превод од Химните на преподобен Симеон Нов Богослов, со детални богословски коментари. Старецот, кој сам веќе не можеше да чита, побара неговите ќелијници гласно да му го прочитаат целото дело (односно, да викаат низ трубата за слушање).

Притоа, не му го читаа само текстот од делото, туку и сите забелешки. Како што ми раскажуваше еден од ќелијниците, додека читал, ако видел дека забелешката е голема ја пропуштал, но старецот го прекинувал и го прашувал: „А, немаше ли таму забелешки?“

По таа случка неговите ќелијници ме молеа да не му носам толку големи дела за читање.

Да се разговара со старецот беше необично интересно. Тој зборуваше, како по правило, за се наеднаш, преминувајќи од една тема на друга. Секогаш раскажуваше делови од својот живот, од престојот на Атон и за старец Силуан. Често раскажуваше како се зближил со преподобен Силуан: Имено, еднаш кај отец Софрониј дошол некој монах Владимир, којшто барал од него духовен совет. Отец Софрониј му рекол: „Стој на работ од очајанието“. Потоа додал: „А кога не можеш повеќе, оди во градината и напиј се чај". Следниот ден отец Софрониј го видел отец Силуан додека шетал во манастирскиот двор. Како млад монах, отец Софрониј од почит се поместил настрана, за да му отстапи место на постариот. Приближувајќи се, старец Силуан му рекол: „Беше ли вчера кај вас отец Владимир?“ Отец Софрониј прашал: „Зарем не бев во право?“ - „Не, во право бевте, но тоа не му е по мерка“. Потоа Силуан го поканил Софрониј кај себе, и му ги дал своите записи. Од тој ден започнало нивното духовно дружење, кое не се прекина до смртта на преподобен Силуан.

Кога раскажуваше за овој настан, очите на о. Софрониј му се насолзија. Обично, за преп. Силуан секогаш си спомнуваше со голема топлина.

О. Софрониј имаше дар на солзи. Имаше „љубовно срце“, кое по зборовите на преп. Исаак Сириски, разгорува од љубов кон секоја твар, кон секој човек дури и кон непријателите на вистината“. Кога о. Софрониј слушаше за нечија несреќа, болка, или за нешто полошо што се случило некому, тој ронеше сострадални солзи и се молеше за тој човек. Ако слушнеше дека некој е тешко болен, се молеше по цели ноќи, „здосадувајќи“ му на Бога со своите солзни молитви. Имаше и случаи кога по молитвите на старецот човекот беше исцелуван.

Умееше старецот и да се шегува. Сакаше да раскажува по некоја анегдота од парискиот или атонскиот живот.

Се смееше детски - долго и искрено. Спомнуваше, на пример, за еден ѓакон во Париз, кој го затекнал во градината додека разговарал со некоја госпоѓа на духовни теми. Што сè си вообразил ѓаконот заради тоа, останува тајна, тој долго време потоа, кревајќи го показалецот и итро намигнувајќи, на сите им велеше: „Ах, тој Софрониј - мангуп, мангуп...“ Истиот ѓакон некогаш дошол кај него со шише вино; откако го отворил, се напил неколку голтки и почнал да расудува: „Отец Софрониј, ќе се согласите; па, овде во Париз нема вистински монаси; само вие и јас. А, останатите се само аматери“.

Еве и случка од Атон. Еднаш, кога о. Софрониј (тоа било веќе по смртта на преп. Силуан) живеел на Света Гора во затвореништво, кај него дошол млад монах, кој го распрашувал за едно, за друго... Се чувствувало дека е дојден за важен разговор, но никако не се одлучувал да го започне. Најпосле му рекол: „Отец Софрониј, одговорете чесно, вие сте масон, но од кој степен?“ Отец Софрониј бил толку зачуден од прашањето, што со двете раце се фатил за главата. Тогаш монахот излегол од ќелијата и им соопштил на сите, дека о. Софрониј е масон од 10-ти степен (затоа што на двете раце, со кои ја фатил главата има 10 прсти).

Старецот многу зборуваше за Русија. Имаше впечаток дека неговите книги во Русија не се признати, и од тоа беше многу огорчен. Во манастирот доаѓаа многу луѓе од Грција, познатите ерарси на Цариградската Патријаршија, како што се патријархот Вартоломеј, митрополитот Јован (Зизиулас), епископот Калистос (Вер), често го посетуваа Старецот. 

Но, од Русија ретко доаѓаа. Освен тоа, до Старецот стигнаа вести дека еден професор во Русија ги критикува неговите книги. Јас му зборував за големата популарност што ја имаше во Русија книгата Старец Силуан, а тој ми одговараше: „А, еве некој професор смета дека сум во прелест“. Критиката упатена на негова адреса, о. Софрониј ја примаше со големо смирение, и во молитва Го молеше Бога да му ги покаже грешките, коишто можеби ги направил во своите книги.

Речиси секоја недела старецот проповедаше во манастирот на духовни теми. Тие беседи му беа како продолжение на Литургијата, како „Литургија по Литургија“. Еднаш старецот ми благослови да служам божествена Литургија во манастирскиот храм. Тој присуствуваше и се причести. Кога заврши службата, ми рече: „Јас бев на вашата Литургија, а вие дојдете на мојата“. Ја имаше предвид беседата што ја одржуваше во манастирскиот храм по ручекот.

Во 1993 г., 12 дена пред смртта на старецот, дојдов во Англија. Веднаш по пристигнувањето се сретнав со него. Разговаравме без прекин четири и пол часа. Старецот, како и секогаш, имаше сосема чисти мисли и бодар дух. При крајот ме одведе во неговата ќелија, се помоливме заедно и тој рече: „Многу сум радосен што се сретнавме пред мојата смрт“. Јас пак, морав да отпатувам во Франција на 20 дена, а потоа да се вратам во Англија, за да учам на Оксфордскиот Универзитет. Му реков: „Старче, по три недели се враќам во Англија и се надевам дека често ќе се гледаме“. Старецот повтори: „Јас сум многу радосен што се сретнавме пред мојата смрт“. Кога по 20 дена се јавив од Франција во манастирот за да го известам за моето пристигнување, ме прашаа: „Слушнавте ли дека старецот почина?“ Стигнав во денот на неговиот погреб и учествував во опелото.

Средбата со старецот за мене претставуваше настан од огромно значење. Во неговата личност видов човек кој го достигнал она, што на светоотечкиот јазик се нарекува обожување. Едно е да читаш за обожувањето на древните отци, а друго е тоа да го гледаш со свои очи, во примерот на жив човек, твој современик. Гледајќи го, ти наеднаш сфаќаш дека, обожениот човекот не е некој небесен жител, туку тој е човек како и сите ние, од исто тело и крв, само што секој негов збор, секој поглед, секое движење се проникнати со Бога. Тој останува човек, но во сите негови дејства присуствува божествената енергија, божествената благодат.

 

Превод од руски: ѓакон Јани Мулев

 

 

 
< Претходно   Следно >