|
9.06.2026. |
|
ФОТОГАЛЕРИЈА На 9 јуни 2026 година, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, изврши канонска визитација на повеќе храмови на територијата на велешкото архиерејско намесништво на Повардарската епархија, кои се наоѓаат во завршна фаза на изградба и фрескоживопис. Во текот на посетата, Митрополитот ги посети црквите „Св. апостоли Петар и Павле“ во населбата Превалец, „Св. Петка“ во село Лозово, „Св. пророк Илија“ во село Чалошево и „Св. Троица“ во село Мамутчево. При посетата на светите храмови, Владиката непосредно се запозна со текот на работите поврзани со фрескоживописувањето, кое во моментот се изведува во сите четири цркви. Тој изрази задоволство од досегашната реализација на живописот и упати благодарност до сите ктитори, добротвори, свештенослужители и верници кои со својата љубов, труд и материјална поддршка придонесуваат за изградбата и украсувањето на овие свети храмови. Тој истакна дека подигањето и разубавувањето на Божјите домови претставува трајно сведоштво на верата и побожноста на верниот народ. На крајот од визитацијата, Владиката посака успешно и навремено завршување на фрескоживописот, како и Божји благослов врз сите што учествуваат во овие богоугодни дела. |
|
|
7.06.2026. |
|
ФОТОГАЛЕРИЈА Во Неделата на сите светии, Митрополитот Повардарски г. Агатангел чиноначалствуваше со Светата Божествена Литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес, во сослужение на повеќе свештенослужители од велешкото архиерејско намесништво на Повардарската епархија. На оваа Литургија, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, согласно Одлуката на Светиот архиерејски Синод на МПЦ-ОА, го одликуваше досегашниот протоереј Драги Гаштарски со право на носење на граден крст, односно со достоинство протоереј-ставрофор. |
|
|
7.06.2026. |
|
На 06.06.2026 година, беа доделени дипломите на 58-мата генерација богослови при Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ – с. Драчево, Скопје. На свечената прослава, којшто се одржа во просториите на Богословијата, беа присутни: Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, ректорот на Богословијата – Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, како и Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, којшто, воедно, беше и пратеник од Синодот на МПЦ – ОА на овогодишните матурски испити. На доделувањето на дипломите присуствуваа и севкупниот наставнички колегиум на Богословијата, како и свештеници и монаси – поранешни ученици и почитувачи на просветната дејност на овој духовен расадник. |
|
|
3.06.2026. |
|
ФОТОГАЛЕРИЈА На денот кога Светата Православна Црква го чествува споменот на светите рамноапостолни цар Константин и царица Елена, во храмот „Св. Јован Крстител“ во Велес беше отслужена Света Архиерејска Божествена Литургија. Со Литургијата чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на свештенослужители од Повардарската епархија. На ова евхаристиското чествување молитвено присуствуваа бројни верници кои се собраа да го прослават празникот на светите Константин и Елена, чиј живот и дело оставиле неизбришлива трага во историјата на христијанството. Со празнична беседа кон верните се обрати протоереј Јован Илиев, кој говореше за значењето на верата и ревноста на светиот цар Константин и неговата мајка, светата царица Елена, кои преку својата посветеност кон Христа придонеле за ширењето и утврдувањето на христијанската вера низ светот и ги повика верните да останат цврсти во православната вера, следејќи го примерот на светителите кои со својот живот сведочеле за вистината на Евангелието. На крајот од Светата Литургија, верниот народ пристапи кон Светата Тајна Причест, а присутните го примија архипастирскиот благослов од својот надлежен архијереј. Нека молитвите на светите рамноапостолни Константин и Елена бидат застапништво пред Господа за нашиот народ, за светата Црква и за сите верни кои со љубов го прославуваат нивниот светол спомен. |
|
|
2.06.2026. |
|
ФОТОГАЛЕРИЈА На втор ден Духовден, Митрополитот Повардарски г. Агатангел чиноначалствуваше со Светата Божествена Литургија во црквата „Св. вмч. Димитриј“ во Кавадарци, во сослужение на Митрополитот Австралиско-новозеландски г. Никола, како и со повеќе свештенослужители од кавадаречкото архиерејско намесништво. На оваа Литургија, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, согласно Одлуката на Светиот архиерејски Синод на МПЦ-ОА, го одликуваше досегашниот протоереј Тане Величковски со право на носење на граден крст, односно со достоинство протоереј-ставрофор.
|
|
|
31.05.2026. |
|
ФОТОГАЛЕРИЈА На празникот Педесетница – Слегувањето на Светиот Дух врз светите Апостоли, во соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес беше отслужена Света Архиерејска Божествена Литургија, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел. На светата богослужба молитвено сослужуваше свештенството од Повардарската епархија, а во храмот присуствуваа бројни верници кои со особена духовна радост учествуваа во евхаристиското собрание, прославувајќи го големиот празник на раѓањето на Христовата Црква. Со празнична беседа кон верните се обрати протоереј Ристе Јанушев, кој говореше за значењето на Педесетница како исполнување на Христовото ветување за испраќање на Утешителот – Светиот Дух, Кој ги просветлува, осветува и укрепува верните во нивниот духовен живот, и нагласи дека и денес Светиот Дух дејствува во Црквата, повикувајќи ги верниците кон единство, љубов, покајание и сведочење на евангелските вредности во современиот свет. По завршувањето на Светата Литургија беше отслужена и Вечерна богослужба со коленопреклони молитви, кои традиционално се читаат на овој голем Господов празник, при што верниот народ заедно со своите пастири ги вознесе своите молитви за мир во светот, благосостојба на Светата Црква и спасение на сите луѓе.
|
|
|